ДАМЕ ГРУЕВ е еден од шесмината основачи на ВМРО. Роден е на 19 јануари 1871 во демирхисарското село Смилево. Се школувал во Смилево, Ресен и Битола, а потоа се запишал во машката егзархиска гимназија во Солун. Во учебната 1887/1888, Груев е учесник во големиот бунт на учениците Македонци против бугарската пропаганда во гимназијата во Солун. Македонските гимназијалци барале воведување на настава на македонски народен говор и замена на бугарскиот јазик на кој им било предавано. Поради тоа е исклучен од гимназијата.

Потоа се запишал да учи гимназија во Белград, но во 1891 година е исклучен и од таму, заради својот македонизам. Груев бил упорен и истата година се запишал да студира историја во Софија.  Даме Груев и Петар Поп Арсов во 1891 година во Софија ќе го основаат МАКЕДОНСКОТО СТУДЕНТСКО ДРУШТВО, кое било предвесник на идната Македонска револуционерна огранизација. Основните цели на Македонското студентско друштво биле:

1. Ослободување на Македонија од турското ропство.
2. Формирање на револуционерна организација во Македонија.
3. Врбување на истомисленици и нивно спроведување во Македонија
4. Издавање на весник кој ќе се спротистави не само на турскиот терор, туку и на туѓите пропаганди – бугарската, српската и грчката.

Во март 1891 година, по убиството на бугарскиот министер за финансии Белчев, бугарските власти ги уапсиле Дамe Груев и Никола Наумов, и поради тоа друштвото решило да се самораспушти за да бидат избегнати предвремени жртви.  Неколку месеци подоцна од ова друштво ќе произлезе Лозарското движење.
Во јануари 1892 година новоформираната Млада македонска книжовна дружина, чиј член бил и Даме Груев, во Софија го објавуваат првиот број на својот весник „Лоза“ и по неговото име целото двожење го добива називот Лозари.

Уште во првиот број во „Лоза“ се објавени текстови и статии за Македонците и за македонската кауза, за потребата од создавање посебна македонска литература, за тоа дека Македонците се посебен народ и дека треба да имаат своја посебна држава. Бугарите веднаш ја виделе опасноста од новиот весник, и во бугарскиот весник „Свобода” на 18 февруари 1892, ја алармирале бугарската јавност со следните зборови:

„ Луѓето овде имаат други цели – да создадат нов литературен македонски јазик… Следствено, прашањето се сведува кон стремежот да се воведе литературен сепаратизам што природно го влече по себе и политичкиот… во бугарската престолнина, во срцето на Бугарија излегуваат луѓе што се силат да ги расипат плодовите на толкугодишните усилби, да докажат дека Македонските Бугари се одделна нација, со посебен јазик, со посебни историски задачи!”.

Бугарскиот весник „Свобода” ги открива и основните цели на Лозарите :

„Од нивната статија ,Неколку белешки’ стр. 5, се гледа дека таа се вбројува ,кон денешниот преовладувачки елемент’, дека името на тој словенски елемент е ,Македонци’, дека Македонија е нивна татковина, дека таа е одделно господарство, чиешто минато е покриено со блесок и особено во времето на Филипа и Александра Велики…”. После овие текстови бугарската власт на Стефан Стамболов го забранува весникот „Лоза“, а веднаш потоа и започнува да ги прогонува и апси Лозарите и успева да го растури лозарското движење.

По растурањето на Лозарите, Даме Груев се враќа во Македонија. Прво станува учител во родното Смилево, а потоа во Битола и во Солун.

Во Солун во 1893, најпрво Даме Груев, Петар Поп Арсов и Иван Хаџи Николов формираат македонска револуционерна група, кон која подоцна ги приклучиле и Андон Димитров, Христо Татарчев и Христо Батанџиев, и потоа на 23 октомври сите заедно ја формираат МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА.  Мора да се подвлече дека главни иницијатори за формирање на ВМРО се Даме Груев и Петар Поп Арсов, кои уште со формирањето на Македонското студентско друштво, предвиделе формирање на Македонска револуционерна организација.

Даме Груев потоа заминува да биде учител во Штип, каде првпат се запознава со Гоце Делчев. Откако Груев ќе види дека Делчев е човек кој има револуционерни идеи за ослободување на Македонија, ќе го вклучи и него во Организацијата (1894). Гоце Делчев подоцна ќе стане еден од главните идеолози на македонските револуционери. Во 1898 год. турските власти го интернирале Даме Груев во Битола, каде во 1900 год. е уапсен и осуден на 10 години затвор.

Од затворот во Битола Даме одржувал врски, давал инструкции и ја раководел месната организација на ВМРО. Во мај 1902 е префрлен од битолскиот затвор во затворот во Подрум-Кале во Мала Азија, каде останува до март 1903 год. По амнестирањето се вратил во Македонија (во Смилево), а потоа заминал во Солун, каде што имал неколкудневна средба со Гоце Делчев, по прашањето за кревање на востание. Даме одлуката за востанието ја прифатил како завршена работа и бил решен самиот да ја преземе одговорноста. Во почетокот на мај 1903 тој претседавал со Смилевскиот конгрес. Тогаш бил избран за член на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ, кој бил одговорен за кревањето на востанието.

По Илинденското востание, Даме останал во Битолско со народот, за да работи на консолидирање на Организацијата. Учествувал на подвижниот Прилепски конгрес (мај 1904), каде се залагал за централизирана Организација која ќе функционира како тајна држава во османлиската империја, како еден вид на подземна Република. Тој бил претседавач на Рилскиот конгрес во 1905 и бил избран за член на Централниот комитет. Се ангажирал за надминување на поделбите кои настанале меѓу македонските револуционери, меѓутоа единството постигнато на Конгресот траело кратко.

После тоа започнува да ја обиколува Македонија со цел да ја воздигне Организацијата. На 23 декември 1906 година, кај беровското село Русиново, Даме Груев и неговата придружба ќе бидат ненадејно нападнати од турскиот аскер. Во нерамноправната борба со Турците, на врвот Петлец својот живот за слободата на Македонија ќе го положат Даме Груев, војводата Сандо Китанов и уште двајца комити. Тој декемвриски ден Македонија останува без основачот, идеологот и апостолот на Македонската револуционерна организација, но неговите идеи родиле илјадници нови македонски револуционери, кои ја продолжиле борбата за Слобода или смрт.

ВЕЧНА ТИ СЛАВА ГОЛЕМ МАКЕДОНЕЦУ!

loading...

За makedon

Нема рецензии се уште. Биди прв кој ќе остави рецензија.

Остави одговор

Вашата емаил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се маркирани со *

Translate »