Mакедонскиот народ во неговата борба за своја сопствена држава, за национална и за културна слобода и независност, во исто време, се борел и за независноста на својата православна црква. Затоа со право се вели дека Македонската православна црква е еден од важните, ако не и најважен фактор кој игра значајна улога во собирањето на Македонците во земјата и надвор од неа. МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ОД ДАМНИНА ДО ДЕНЕС Историјата на македонскиот народ во последните илјада години, секогаш била тесно поврзана со Македонската православна црква олицетворение на Охридската архиепископија. Црквата била таа која организирала голем дел од културната, од уметничката дејност на македонскиот народ, пред сè преку градење цркви и манастири, чии ѕидови се украсени со фрески и со икони. Црквата била одговорна за создавањето на традиционалното, средновековно македонско сликарство, денес познато низ целиот свет како автентично сликарство на Македонија, со сите карактеристики на оригинална креативна посебност.

 

Историјата на Македонската православна црква се карактеризира со три основни фази: 1. Охридската архиепископија (XI век до 1967 година); 2. Јурисдикцијата на туѓите цркви во Македонија (1757-1944 година); и 3. Македонската православна црква олицетворение на Охридската архиепископија (од 1944 до денес). Првиот период почнува, некаде од VII век кога населението во централниот дел на Македонија било покрстено, а Македонците кои биле населени во централниот дел од огромното Византиско Царство биле поблиску до императорот Јустинијан I, и до црковниот центар Константинопол (Цариград). Инаку, Јустинијан I бил роден во селото Таор (Таорум) Скопско, а неговиот законик е познат и денес во правото. Цариградската патријаршија ги испратила светите браќа Кирил и Методиј во мисионерска работа во Моравија. Меѓу нивните ученици и следбеници бил свети Климент, кој, по враќањето во Македонија, станал прв словенски епископ во епископијата со седиште во Охрид (893 година). Затоа се смета дека тој е првиот основач на Македонската православна црква со локално свештенство.

 

Официјалната македонска православна црковна заедница била основана кон крајот на X век, кога Самуил бил прогласен за крал на новоформираното кралство, и кога била основана Охридската патријаршија, на чело со патријарх. Се претпоставува дека на новата црква ѝ се олеснило со благословот на римскиот папа кој, на кралот Самуил, му испратил кралска круна. Како и да е, византискиот император Василие Втори, по падот на Самуиловото Кралство во 1018 година, ја симнал Охридската патријаршија на ранг на архиепископија, без да ја укине нејзината автокефалност или да ја намали нејзината слобода. Охридската архиепископија останала во рамките на Византиската Империја во периодот од XI до XII век. Меѓутоа, на почетокот на XIII век, се случувале чести политички промени на Балканот, а со тоа и во Македонија. Така, султанот Мустафа Трети ја укинал Охридската архиепископија и нејзините епархии ги приклучил кон Цариградската патријаршија која, за возврат била обврзна да ѝ ги плати долговите. По повеќе од седум и пол векови автокефален живот, Охридската архиепископија била незаконски укината од страна на иноверниот султан во 1767 година. Следната фаза на Православната црква во Македонија почнала со нејзиното потпаѓање под јурисдикција на Цариградската патријаршија. Тој период со право се смета за црковно ропство на македонскиот народ, поради фактот што тој ја изгубил не само својата религиозна и економска слобода, туку бил подложен на елинизација, додека ширењето на македонското воспитание и култура биле забранети. Народноослободителната борба на македонскиот народ за време на Втората светска војна било насочено не само кон национално и социјално ослободување, туку и кон решавање на прашањето на Македонската православна црква. Првото свештеничко собрание на слободната територија во Западна Македонија се одржало во 1943 година во селото Издеглавје, Ох- ридско. Тоа се смета како крај на втората фаза на македонското црковно прашање. Во есента 1944 година дел од Македонија била целосно ослободена. Новоформираната македонска држава стана рамноправен член на нова Југославија. Затоа, православните верници и македонското свештенство го одржа Првиот црковно– народен собор во 1945 година, кој ја усвои Одлуката за формирање Македонска православна црква преку обновување на Охридската архиепископија. Во 1959 година, епископскиот синод на Српската православна црква ги призна решенијата од Вториот црковно-народен собор на Македонската православна црква, одржан во Охрид од 4 до 6 октомври (листопад) 1958 година за одделување на Македонската православна црква како независна, со новоизбран поглавар – архиепископот охридски и македонски митрополитот г.г. Доситеј. Претставниците на Српската православна црква на чело со патријархот г.г. Герман учествуваа во интронизацијата на македонскиот митрополит Климент.

Третиот црковно-народен собор на Македонската православна црква се одржа на 18 јуни (жетвар) 1967 година во древниот Охрид, кога беше одлучено да се прогласи самостојност на Македонската православна црква на чело со архиепископот охридски и македонски, г.г. Доситеј. Диецезата на Македонската православна црква се совпаѓала со границите на македонската народна држава – Република Македонија. Според Устав на Македонската православна црква донесен во 1974 година, Македонската православна црква своите работи ќе ги управува и ќе ги води независно, во согласност со догматското и канонското единство со другите православни цркви. Македонската православна црква има свој грб, свое знаме, а службен јазик е македонскиот. Црковно-епархиски тела и административни органи на Македонската православна црква се: 1. Архиепископот, 2. Светиот архијерејски синод, 3. Архијерејски црковен суд, 4. Епархиите – седум во Република Македонија и три во прекуокеанските земји (Американско-канадска, Австралиско-новозеландска и Европска епархија), кои се управувани од надлежни владици со помош на архијерејски заменици во градовите на овие епархии. Светиот архијерејски синод е одговорен за религиозните и за воспитните активности, за издавање на религиозна литература, како и за воспитување на свештенството и на монаштвото. Македонската православна црква има свое четиригодишно средно училиште (Богословија) во Драчево, Скопје, каде што се школуваат идните свештеници, како и Теолошки факултет, кој е во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од обновувањето на Македонската православна црква олицетворение на Охридската архиепископија, на чело биле: архиепископите охридски и македонски – г.г. Доситеј, г.г. Ангелариј, г.г. Гаврил, г.г. Михаил, а денес поглавар е г.г. Стефан. Од формирањето на Американско-канадската епирхија во 1969, пак, надлежни архијереи биле: митрополитот Кирил, потоа таа функција ја вршеле и архиепископите г.г. Гаврил, г.г Михаил, г.г. Стефан, а денес надлежен за таа епархија е митрополитот Методиј.

Автор: Славе Катин

loading...

За makedon

Нема рецензии се уште. Биди прв кој ќе остави рецензија.

Остави одговор

Вашата емаил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се маркирани со *

Translate »