Македонија, е библиска, света земја. Таа со својата древност и милениумска вековитост е гордост, радост и тага, сон и јаве за секој Македонец. Нејзината географска положба ја прави крстосница на различни цивили- зации, религии, традиции и обичаи. Не случајно на многу трговци и каравани тука им поминувале патиштата, а за многу воени експедиции, војски, победници и поразени таа била многу вековен мегдан. Тоа значи дека секој камен, секоја грутка црна земја, секоја река и планина, зборуваат за бурната историја на Македонија. И денес Македонија сè уште во себе крие многу тајни од минатото, кои, веројатно ќе бидат предизвик за наредните генерации. За историскиот развој на Македонија, од античко време па до ден-денес, пишувале голем број странски и домашни автори. Некои се обиделе да ја искриват македонската сторија, а некои лесно ги презентираат историските факти за Македонија и македонскиот народ. Македонија е земја на премрежиња, но и земја на убавини, земја на мистерии и опстојувања, каде што силните луѓе преживеале војни, глад, освојувачи, навреди, империи, притоа зачувувајќи ја волшебноста на своето име. Од величествените времиња на Филип и Александар Македонски, преку римските и византиските владеења, преку големите миграции на Словените на југ и потпаѓањето под Отоманската Империја.

Низ овој долг и богат временски период само два народа го избрале името на оваа земја за нераздвоен дел на својот идентитет – древните Македонци и Македонците денес, а тоа претставува силна врска која датира од пред милениуми, укажувајќи на посветувањето на овие народи на својата библиска земја. Во богатата историја на Европа тешко е да се најде народ каков што е македонскиот, кој имал толку многу превирања со своето национално конституирање. Тешко е во светот да се најде друг народ кој имал и толку бурна историја. Затоа, често се вели дека на многу народи судбината им била историјата, а на Македонецот историјата му била судбина. Народ на кој најдоброто оро му е античкото оро, кое се вика „тешкото”, објективно и не можел да има поинаква судбина и минато. Македонија не само што отсекогаш била на сечилото на многуте мечеви и јатагани, сабји и ками, туку во неа се судрувале и прекрстувале многу различни култури. И токму таа Македонија, всушност била и е лулка на цивилизациските средишта како една најстара цивилизација. Со името Македонија уште во античките времиња се означувала една мала покраина во непосредна близина на Пела, денешното село Постол – престолнината на античкото македонско царство. Таа ја опфаќала земјата меѓу денешното исушено Пазарско Езеро и долниот тек на реката Вардар. Но, со проширувањето на границата на македонското царство, постепено пораснала и областа означена со името Македонија, која античките Македонци ја делеле на Горна и Долна Македонија, пред сè, поради географските карактеристики на просторот. Меѓутоа, таквата поделба на Македонија имала политичко, културно, воено и административно значење. Затоа, Македонија како историско и географско подрачје се споменува како земја на неколку места и во Библијата. Македонија како географски регион го зафаќа средишниот дел на Балканскиот Полуостров.

 

Просторот што е заграден на север со планините: Шар Планина, Скопска Црна Гора, Козјак, Осогово и Рила, а на југ со реката Бистрица и брегот на Егејското Море до утоката на реката Места. Бигла и вододелниците на младонабраните планини Кораб, Јабланица, Грамос и Пинд ја заградуваат Македонија од запад, а од исток реката Места и западните делови на Родопите. Во овие граници Македонија зафаќа простор од 67.741,2 километри квадратни. Долна Македонија, за разлика од Горна Македонија претежно е рамничарска земја. Долна Македонија на југ ја ограничуваат водите на Егејското Море, на југозапад водите на Термајскиот Залив и Перијанските Планини, на запад планини- те Вермион, Верас и Пајко, на север планинските масиви на Балкан, а на исток ридестата разделница меѓу долините на Вардар и Струма. Вардар ја дели Долна Македонија на источна и западна.

 

Западната половина на Долна Македонија физички и географски е карактеристична по централната рамнина создадена од наносите на реките Вардар, Бистрица, Лудијас и Галикос. Оваа плодна земја (со површина од околу 1.500 километри квадратни) на југ ја ограничуваат водите на Термајскиот Залив, на југозапад планините на Перија, на запад планината Вермион, на север планината Пајко, а на исток реката Вардар. Се чини Филип II Mакедонски и Александар III Македонски (Велики), се најзначајните личности во античкиот период. Тие биле воини, стратези, генијалци и кралеви на античка Македонија. Тие го сменија текот на историјата, границите на конинентите и филозофијата на животекот. Затоа и по три илјади години останаа да бидат непресушна инспирација и восхит за вечни времиња. Филип II Македонски (359–336 година пред Христа) потекнувал од династијата Аргеади. Тој бил син на кралот Аминта, а станал македонски крал на 23 годишна возраст. Филип монархот со сета своја мудрост, знаење, искуство, воинственост и храброст, ги отворил вратите на својата родна Македонија кон светот. Меѓутоа, најголем територијален, политички, воен и економски подем и процут, незапаметен и незабележан каде било на друго место на планетата Земја, Македонија доживеала во времето кога на престолот дошол најуспешниот мудрец, стратег, војсководец и бестрашен борец Александар III Македонски (Велики). Бил роден во Пела, од таткото Филип и мајката Олимпија Епирска, во јули (златец) 356 година пред Христа, од династијата Аргеади. Стекнал слава на генијален стратег, воин, војсководец, мудрец и визионер за голема светска држава. Со своите успешни воени походи ги покорил Анадолија, Сирија, Египет, Персија и Месопотамија, проширувајќи ги границите на Македонија сè до Авганистан и Индија. Под неговата команда на илјадници километри квадратни биле бројни држави, царства, империи, племенски заедници, народи и нации. Насекаде каде што војувал и освојувал, тој воведувал посебна власт и управа, при што ги почитувал и локалните традиции и обичаи. Истовремено бил иницијатор и организатор на големи градителски подвизи. До ден-денес останале траги од некои имиња, градови, места и обележја подигнати во Александровото време. Само еден месец пред да наполни 33 години, легендата умира под сè уште контроверзни околности во јули (златец) 323 година пред Христа, во Вавилон. Хероите заминуваат – но делата, записите, преданијата, митовите и легендите остануваат. Александар III Македонски (Велики) впиша ново поглавје во светската историја, воената доктрина, во литературата и културата.

Автор: Славе Катин

loading...

За makedon

Проверете исто така

Македонија во античко време била кралство кое во почетокот се простирало на територијата на денешна Македонија и Беломорска или Егејска Македонија.

Нема рецензии се уште. Биди прв кој ќе остави рецензија.

Остави одговор

Вашата емаил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се маркирани со *

Translate »